Интервју на Лабина Митевска (автор Љупчо Јолевски, за радио Слободна Европа)

January 21, 2009

Во ова интервју, Лабина Митевска зборува за Македонија и Европа, за македонската кинематографија, за одот на филмот „Јас сум од Титов Велес“, за себе и својата работа и планови како актерка и продуцент, а и за нешто што и нас многу не’ интересира – што е потребно за доброто уметничко дело да стане воедно и успешно.

Емитувано на Радио Слободна Европа, јануари 2009, автор – Љупчо Јолевски

Фестивал ONLINE/OFFLINE

January 11, 2009

Двата македонски портали за култура, culture.in.mk и plagij.at , со поддршка од Про Хелвеција, го создадоа фестивалот ONLINE/OFFLINE кој месецов ќе го доживее своето прво издание. Фестивалот, како што кажува и името, има online и offline компонента. Offline компонентата се состои од низа настани на 22 и 23 јануари во Скопје, додека online компонентата ќе биде активна и ќе се обновува преку целата година и, всушност, ќе претставува виртуелен македонски културен центар.

Јасна Шоптрајанова – Првиот македонски дневен информатор за култура, http://www.culture.in.mk постои веќе осма година и е еден од основачите на регионалната мрежа на портали за култура, inSEEcp. Создадовме свои редовни посетители, публиката, а и различни организации кои делуваат во сферата на културата редовно не’ користат како релевантен извор на информации. Сепак, веќе долго чувствуваме потреба да додадеме поактивна интеракција со нашите корисници – тие веќе да не бидат пасивни читатели, туку и коментатори и креатори на содржините. Исто така, чувствуваме и потреба и можност културата да ја претставуваме не само со информации, туку и во живо. Среќни сме што се поврзавме со http://www.plagij.at, кој ја покрива современата урбана култура, а кој веќе успешно го следи тој модел. Сега и plagij.at е член на inSEEcp, па и во рамки на мрежата, а и локално, во македонски рамки, ќе работиме заедно во сферите кадешто се надополнуваме.

Во рамките на овој фестивал, отвораме два блога кои ќе се заеднички за обата портали – onlineoffline.wordpress.com и offline2online.wordpress.com. На едниот ќе создаваме база на подолги новинарски форми, интервјуа, осврти, критички и аналитички текстови и друго што досега не сме пренесувале– исто така и аудио и видео снимки од интервјуа со уметници кои одбележале определен момент – развојот на Интернет сега го дозволува тоа.. Другиот ќе биде галерија, виртуелен македонски културен центар, кој ќе функционира со постојана поставка и со тековни, online изложби, а ќе содржи визуелни уметности, литература, музика, театар и разни нови форми. Првичниот избор го направи архитект Иван Мирковски, а понатаму и самите застапени уметници ќе бидат воедно и селектори, тие ќе прават свој избор и препорака за тоа кој е релевантниот пресек на овој момент во македонската култура. Публиката, исто така, ќе има можност сето тоа да го коментира и да дава свои предлози, така што со тоа отвораме простор за позитивна критичка дебата меѓу заинтересираните за македонската култура и уметност – и автори, и проследувачи, и публика.

Имајќи предвид дека досегашните презентации на македонската култура и уметност недоволно ја користат технологијата и спецификите на интернет, па се така и доста невидливи за пребарувачите, ќе ги користиме различните web 2.0 модули и популарните сајтови за social networking.

Со овие теми ќе се занимаваме и на првиот ден од офлајн компонентата на фестивалот. Во културниот центар Точка, Дебора Хустиќ (lomodeedee) од Загреб, ќе одржи работилница за блогирање особено насочена кон уметниците. Потоа, нашите портали, членови на inSEEcp (artservis.org, SEEcult, evrokultura) како и други популарни македонски портали (on.net, идивиди, xmkd и други) ќе водат дебата за технологиите, содржините, нивното пакување и односот кон публиката на порталите за култура. По ова, следи plagij.at слушалката во Лаика. Вториот ден е повеќе фокусиран на визуелните уметности и музиката. SCCA – Љубљана ќе го претстави својот Уметнички куфер, кој е расположен да прими и македонски дела, по што ќе следи изложба на фотографии од досегашните концерти организирани од plagij.at (автори на фотографиите се Марко Саболиќ, Димитар Лазаревски, Ранташа Татјана и Димитар Петровски). Фестивалот ќе се затвори со концертна промоција на новиот албум „Незгодно време и опасни дани“ на српскиот бенд Петрол, со домашна поддршка од македонската all-girl петорка Вивид, во клубот Кастро. Сево ова има за цел да отвори постојана дебата за односот меѓу содржината и нејзината презентација, меѓу авторите во културата и нивната публика, како и за културните портали како посредници во овој процес. Истовремено, ќе трагаме по нови, поструктуирани, напредни и иновативни начини за презентација на културните содржини на Интернет, за тие да создадат и нова културна публика.